Властите денеска евакуираа речиси 2.500 луѓе од грчкиот остров Крф додека пожарникарите се борат со неколку шумски пожари во Грција. Десетици илјади луѓе веќе избегаа од пожарот на островот Родос, а многу преплашени туристи се обидуваат да се вратат дома.
На Родос, за време на викендот, околу 30 илјади мораа да побараат спас од огнената стихија која веќе седум дена беснее на островот. Полицијата соопшти дека транспортирала 16 илјади луѓе по земјен пат, и евакуирала уште 3.000 преку море. Останатите морале да пешачат или да го користат сопствениот превоз за да избегаат од огнената стихија.
Олга Кефалогјани, грчката министерка за туризам, изјави за Би-би-си дека ситуацијата на Крф не е алармантна и не личи на сцените видени на Родос.
„Евакуиравме неколку куќи, но тоа не е ни слично на евакуацијата на Родос“, рече таа.
Кефалогјани додаде дека луѓето треба да продолжат да доаѓаат на Крф, како и на Родос.
Соседните земји испратија противпожарни авиони на Родос за да ги поддржат грчките служби за итни случаи во борбата со големиот пожар, изјави портпаролот на противпожарната служба.
Василис Вартакогијанис изјави дека осум авиони, од кои два се од Турција и еден од Хрватска, го гаснат пожарот кај селото Асклипејо. Во гаснењето на пожарот помагаат и дополнителни десет хеликоптери, меѓу кои и три од Египет.