Скопскиот апелациски суд делумно ја потврди првостепената пресуда на граѓанскиот суд во корист на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, која ги тужеше државата и Општина Карпош поради тоа што купила земјиште со намена за изградба на бензиска станица, меѓутоа никогаш не ја изгради, зашто урбанистичкиот план за овој дел беше поништен, а не биле исполнети ниту критериумите за безбедност, пишува неделникот „Фокус“.
Весникот пишува дека „според пресудата скопска апелација ја потврдила првостепената пресуда дека нафтената компанија на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски, треба да ги добие назад околу 2 и пол милиони евра што ги плати за оттуѓување на градежно земјиште сосе данок на промет, за локација во близина на хотелот Александар Палас и салата Борис Трајковски.“
„Воедно, второстепениот суд го потврдува и делот од првостепената пресуда дека на нафтената компанија треба да и се исплатат 110 илјади евра по основ на надомест на штета за раскинување на овој договор, но не ја потврдува пресудата во делот за исплата на 6,4 милиони евра по основ на таканаречена испуштена корист“, пишува „Фокус“.