На 15 октомври оваа година да се организираат во еден ден, претседателски, парламентарни избори и референдум за вклучување на Бугарите во Уставот кој ќе биде задолжителен, пишува Никола Тодоров, поранешен министер за здравство во својата колумна за Дојче Веле.
„За да добиеме точен и реален резултат без можност за бојкот, предлагам референдумското прашање да биде на истото гласачко ливче за парламентарните избори, па секој кој излегол да гласа на парламентарни избори, истовремено излегол да гласа и на референдумот, што значи референдумот ќе биде успешен. За ова да се спроведе потребна е интервенција во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, но и во Законот за влада со цел да се избрише т.н. пржинска влада.
Доколку мнозинството граѓани одлучи дека не треба да ги вклучиме Бугарите во Уставот и со тоа да се откажеме на подолг период од можноста за влез во ЕУ, а ќе овозможиме и Албанија да влезе во ЕУ пред нас, тоа ќе биде одлука на мнозинството со која малцинството ќе биде приморано да живее или да се отсели. Доколку пак, мнозинството одлучи дека треба да ги вклучиме Бугарите во Уставот, новата влада ќе биде обврзана тоа да го стори, а малцинството ќе мора да се помири со оваа национална отстапка исто како што неволно се помиривме со промената на нашето Уставно име.
Така ќе заврши оваа преокупација со 13-тото по важност прашање, и ќе се отвори можноста да почнеме не само да дебатираме, туку и да работиме на првите по важност прашања за македонските граѓани“, пишува Тодоров.