Kампања насловена „Ние сме Европа“, која власта ќе ја спроведува пред уставните измени, за кои засега нема мнозинство, ќе ги убедува граѓаните дека исполнувањето на условите од францускиот предлог е пат кон европска иднина.
Според вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, ова е историска шанса. Прашан дали ваквите кампањи се задоцнети, тој не одговори конкретно, туку посочи дека целта е граѓаните да дадат поддршка. Маричиќ рече дека кампањата чини 80 илјади евра, односно 5 милиони денари, а ќе заврши на крајот на септември.
Во рамките на напорите на Владата да ги оствари стратешките цели и да ја приближи целта за влез во ЕУ, Владата ќе организира серија настани во осум града во државата.
„Кампањата ќе се реализира во Скопје, Струмица, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните“, рече Маричиќ.
Активностите ќе почнат во Скопје на 30 август како официјален почеток на кампањата и ќе се зборува на тема економија, а ќе ја отвори премиерот Димитар Ковачевски.
„Активистите ќе значат средби со граѓански организации и целни групи со кои сакаме да ги дискутираме европските вредности. Во секој град истиот ден ќе има и трибина отворена за присуство на сите граѓани. Целта е да се претстават придобивките од брзото членство во ЕУ, неопходните реформи и начините како членството во ЕУ ќе го зајакне идентитетот“, додаде Маричиќ.
Функционерите ќе зборуваат и ќе одговараат на прашања од граѓаните.
„Членството во ЕУ носи можности и да придонесе за сериозен развој. Последните пораки од високите европски претставници се јасни и прецизни. Нам ни останува да работиме со граѓаните. Интеграцијата во ЕУ не само што ги засилува реформите туку ја чува традицијата“, рече тој.