Ковачевски за скандалот на Онкологија: Нема пардон за никого, ни за свети СДСМ, ни за свети ВМРО и ДУИ!

Премиерот Димитар Ковачевски во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици денеска изјави дека пардон нема да има за никого, и побара случајот да не се политизира бидејќи како што кажа се работи за мултипартиски и мултиетнички криминал.

Правото на протест на граѓаните е добредојдено, според него, бидејќи врши дополнителен притисок да се реши случајот.

-Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг.

Advertisements

Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ тој што се огрешил има да одговара, потенцираше премиерот.

Ковачевски, кој денеска беше на настан во Општина Центар потенцираше дека пардон нема да има за никого во овој грозен случај.

МВР има определено тим којшто работи на прибирање на обемен доказен материјал, а, како што рече, подоцна се работи заедно со обвинителството.

-Се надевам дека и обвинителството ќе ја објасни нивната постапка, бидејќи тие се посебен орган надвор од државата.

Нема да има пардон за никого без разлика дали припаѓа на која било политичка партија, на каква било припадност. Овде се работи за мултипартиски, мултиетнички криминал којшто мора да се расчисти.

Граѓаните очекуваат расчистување на ова и нема да има никаков пардон. Тоа што граѓаните протестираат јас го разбирам и нивната загриженост и нивниот бес.

– И правото на протест во вакви случаи е добродојдено затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа, рече премиерот.

Ковачевски повторува случајот да не се политизира нагласувајќи дека се работи за истражни дејствија што ќе бидат спроведени на најпрофесионален начин и во којшто нема да се прави пардон за никого.

Негови очекувања се да се спроведе професионална брза истрага која што ќе идентификува поединци што се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела.

Toj повика да не се прави сензационализам и да се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи, како што кажа, нашето здравство има професионални и прекрасни доктори коишто се грижат за нашето здравје.

Во однос на раководствата и на Министерството и на Клиниката за онкологија, рече дека се работи за нови раководства.

-Новата директорка на Клиника за онкологија е поставена во времето на мојот мандат и комплетно соработува со истрагата заедно со нејзините колеги.

Истото се однесува и на министерот за здравство и на неговата заменичка.

Политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање на некого и затоа повикувам да не се политизира и институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато.

Доста беше, кажав и пред малку, 30 години граѓаните да бараат борба со криминалот и корупцијата, рече премиерот Ковачевски.

Упати порака до сите институции дека треба да се придржуваат до законските одредби во нивното работење, меѓутоа и до, како што потенцира, до спроведување на процедурите при работењето за да работат ефикасно и домаќински со народните пари.

Според Ковачевски истрагата која што е во тек се прави професионално, а опфатени се поголем број на материјали и на лица за да се утврди точно кои се виновниците, што точно имаат направено и потоа да бидат процесуирани согласно законите во државата.

-Никој не смее да врши никакво влијание и никаков притисок во овој случај, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за политичка одговорност, премиерот рече дека таа не може да биде побарана бидејќи лицето не е веќе на функција.

-Меѓутоа, јас како што кажав и во текот на вчерашниот ден имавме прес-конференција, утрово министерот Спасовски беше на една од телевизиите каде што во детали објаснуваше за постапката која што се води, а во текот на денот и министерот Меџити и неговите колеги доктори од Онкологија ќе имаат прес-конференција, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека после 20 години од се што се изнаслушавме во државата, што се случува во голем број сектори, а особено во здравствениот сектор, првпат МВР и Обвинителството влегоа и направија акција во делот на прибирање на докази во врска со јавно изнесени обвиненија и сомнежи од страна на граѓани, медиуми, пациенти во делот на терапиите коишто се издавале на една од клиниките во Клиничкиот центар во Скопје.