На вечерашнио протест пред Владата по скандалот на Онкологија граѓаните упатија бројни пораки во знак на револт: „Oнкологија = геноцид“ „Убивате за профит“, „Монструми“,, „Колку вреди човечкиот живот.
„Крадци“, „Убијци“ скандираа граѓаните. Некои од демонстрантите ги обоија рацете со црвена боја и оставија траги од дланките на асфалтот, а со црвена боја со големи букви на улицата пред Владата испишаа – „убијци„.
„За седум дена мајка му се претвори во жив мртовец, а беше карпа човек. Оваа влада, оваа Министерство, Клиниката за онкологија, сето тоа е мафија. На човек кој се бори за живот, секој ден му е битен, а на крај ќе се најдат некои директори и министри да му го уништат животот. Имавме многу случаи во здравството, никој не одговараше“, рече еден од присутните, кој неодамна ја изгубил мајка му кога имала карцином на дојка.
Граѓаните побараа сите што се вмешани, да одговараат, а преку транспаренти испратија и вакви пораки:
„Ова ви е последна доза“, „Колку вреди човечкиот живот“, „Физиолошки раствор и за монструмите што ја продавале терапијата! Физиолошки раствор и за здравствениот систем што сите нè убива! Физиолошки, бидејќи нема лек!“, „Кога неправдата станува закон отпорот станува должност“, „Немам врски, немам лек“, „Психопати во бели мантили“
Обвинителството отвори предистражна постапка откако во медиумите беше објавено дека имунолошката терапија од цитостатиците, непходна за пациентите болни од рак вработени на клиниката ја крадат и ја препродаваат.
Протестот од пред Влада продолжи и пред Обвинителство, а потоа и до Министерството за здравство.