(ВИДЕО) Терористички напад во Анкара: Бомбаш самоубиец се разнел пред турското МВР

Двајца полицајци се ранети денеска кога бомбаш самоубиец активирал експлозив во турската престолнина, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Силната експлозија одекнала во Анкара, во непосредна близина на зградата на турското Министерство за внатрешни работи, пишува „Хуриет дејли њуз“.

Турските власти соопштија дека се работи за терористички напад.

Advertisements

Еден од напаѓачите, како што изјавил министерот, се разнел, а другиот е „неутрализиран“.

Турските медиуми јавуваат дека едниот напаѓач бил вооружен со ракетен фрлач и бил неутрализиран, додека другиот се разнел како бомбаш самоубиец. Според нивните изјави, во зградата на парламентот, која се наоѓа во близина, по експлозијата не може да се влезе ниту да се излезе.

Во моментов на терен има контрадиверзантски екипи, а полицијата проверува дали има опасност од други експлозивни направи во близина и ги проверува автомобилите.

Според АП, турскиот парламент денеска по летната пауза треба повторно да заседава.

Засега не се познати други детали за инцидентот.