„За функционерите има високи плати, а за пензионерите нема пари“ – Тетовци бараат за 5.000 денари поголеми пензии

Група пензионери од Тетово го блокираа булеварот Маршал Тито во знак на протест на кој повторно побараа линеарно покачување на пензиите од 5. 000 денари, а минималната да биде 20. 000 денари.

„Владата има игнорантски однос кон нас, велат немало да биде стабилен пензискиот фонд ако ни ги покачат пензиите, а од друга страна не се грижеа дали ќе биде стабилен буџетот на државата кога си ги зголемија функционерските плати за дури 78 отсто. Без грижа за егзистенцијата би биле и ние со такви пензии“, велат пензионерите.

„Малку им беа тие 78 отсто покачување, па сега функционерите ќе земаат и по 400 евра дополнително покачување. Имаат провизии, апанажи, гориво без пари. А нас пензионерите не понижуваат. До кога вака со 12 илјади денари пензија? Ни за лекови, нема за храна. Доаѓа зимата нема за греење, струја треба да плаќаме, дополнува еден пензионер.

Advertisements

„Како да платам струја кога од 16 илјади пензија 7 ми одат за лекови? А за облека, храна? Од кои пари? Тие 5,3 отсто за септемвриската плата се ништо! Скапотија е, не можеме достоинствено да живееме, во сиромаштија сме“, рече една пензионерка.

Пензионерите најавија дека ќе продолжат со протестите сѐ до исполнување на нивните барања.