ЕУ ќе инвестира шест милијарди евра на Балканот, изборот е ваш, порача Урсула фон дер Лајен

Урсула Фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија денеска во Скопје го претстави новиот план за развој за Западен Балкан според кој Европската Унија планира да инвестира шест милијарди евра во регионот за реформи и проекти кои треба двојно да ја зголемат стапката на раст и на македонската економија.

Првично се планирани 100 милиони евра како макрофинансиска помош од Унијата. Но, претседателката на ЕК побара да се подобри ефиксноста на јавната администрација, да се воспостават здрави јавни финансии и подобра бизнис клима.

Реформите во судството и борбата со корупцијата се клучни.

„Ние доаѓаме со инвестиции. Предложивме пакет од шест милијарди евра за нашите партнери од Западен Балкан, и тука се работи всушност за реформи и за инвестиции.“ – изјави Фон дер Лајен.

Шефицата на Европската комисија ја заокружи дводневната посета на Скопје, со порака, дека Македонија е суверена земја и изборот е на политичките чинители, но дека партиите имаат одговорност за европската иднина на земјата.

На прашање што што ако не се исполни неформалниот рок за уставни измени до декември.

„Изборот е ваш. И затоа навистина се надевам дека сите страни, сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени, затоа што се работи за вашата иднина, вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме да бидете членка на ЕУ и се надевам дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство“, изјави фон дер Лајен.

„Претседателката Фон дер Лајен, секогаш кога е тука, доаѓа со конкретни исчекори и конкретни планови за приближување на земјата и регионот кон Европската Унија. Таа беше тука минатата година, во октомври, кога го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, првиот договор помеѓу Европската комисија и Северна Македонија на македонски јазик, кој веќе се практикува на дело. Денес дојде за да разговараме за конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство. Овој План, ние го баравме од Европската Унија и затоа, тука, сакам да ѝ се заблагодарам на претседателката за нејзината посветеност и нејзиниот тим кој работеа на подготовката на овој план за раст“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од ЗБ кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.

Непобитен факт е дека евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата бидејќи овозможуваат пристап до финансиски средства. Од независноста до денес, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра – грантови и макрофинансиска поддршка, средства кои ни овозможиле развој. Нашата евроатланска ориентација како Влада носи резултати и за земјата и за компаниите и за граѓаните.

Ова е показател дека европскиот пат е правилниот пат. Со членството во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите меѓутоа и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ – рече премиерот Ковачевски.

Според него, членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел за Македонија.