Загинаа 34 новинари во војната меѓу Израел и Хамас, Репортери без граници бара истрага

Во последната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хамас, загинаа 34 новинари, соопшти денеска организацијата Репортери без граници.

Таа организација оцени дека „постои можност двете страни да извршиле воени злосторства“.

Репортери без граници го повика Меѓународниот кривичен суд (МКС) да ги истражи убиствата на новинарите и поднесе жалба до обвинителот на МКС во врска со осум палестински новинари убиени во израелското бомбардирање на цивилни области во Газа, како и еден израелски новинар убиен за време на напад на Хамас на 7 октомври.

Advertisements

„Опсегот, сериозноста и повторувањето на злосторствата против новинарите, особено во Газа, бараат приоритетна истрага од страна на обвинителот на МКС“, рече Кристоф Делоа, генерален секретар на меѓународната медиумска организација.

Во тужбата поднесена од организацијата се наведува дека „просториите на повеќе од 50 медиуми во Газа се намерно, целосно или делумно, уништени“ од почетокот на војната.

Тоа е трета ваква жалба поднесена од страна на организацијата од 2018 година, во која се наведуваат воени злосторства против палестинските новинари во Газа.