Хрватска: Четири лица завршиле во болница откако испиле газиран пијалак

Хрватските медиуми јавуваат дека четири лица се хоспитализирани поради труење со газиран пијалак во Хрватска. Три лица завршиле во болница во Загреб, а едно во Ријека.

Млад човек во вторникот бил примен во Клиничко-болничкиот центар во Загреб, а постои сомнеж дека бил отруен откако го испил пијалакот „ромеркел“ (romerquelle) во кафуле.

Полицијата врши увид и зема мостри од спорниот пијалак за понатамошна анализа и истрага.

Advertisements

Хрватскиот институт за јавно здравје ги добил мострите од безалкохолни пијалаци кои санитарната инспекција ги доставила по истрага во кафуле во Ријека, каде на едно лице неодамна му се слошило, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.

Станува збор за 19-годишен млад човек, кој завршил во болница во Ријека со сериозни повреди на хранопроводот и стомакот откако испил безалкохолен пијалак во ресторан.

Иако тоа се случи во саботата, на 4 ноември, никој од надлежните не реагираше до вторник, а пораките за наводните труења на големо се проширија на социјалните мрежи.

Пораките се дека киселина опасна по живот завршила во шишињата откако цевките биле исплакнати со хемикалии во фабрика за пијалаци.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош им порача на граѓаните дека е најдобро да се пие вода, бидејќи во овој момент никој не може да каже дали е безбедно да се консумираат газирани пијалоци.

Хрватските медиуми ги спомнуваат и случаите на момче во Крапина кое пред неколку недели завршило во болница откако испило сок од јаболко и на маж од Пула чиј хранопровод е тешко повреден откако испил чаша минерална вода во ресторан во Ријека во мај.