Нема прекин на огнот, нема примирје. Тоа што го правиме, оваа четиричасовна пауза, е тактичка, локална пауза за хуманитарна помош“, изјави портпаролот на израелската армија Ричард Хехт.
Висок израелски функционер, чијашто изјава ја цитираше „Си-ен-ен“ објасни дека паузите ќе стапат на сила во одредени области. На една населба или област ќе ѝ биде дадено известување неколку часа однапред, за да можат жителите да побараат помош. Прашан кога ќе започнат овие паузи, службеникот рече: „Наскоро“.
Од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху не се согласуваат со прекин на огнот без ослободување на заложниците што ги држи Хамас, додека претседателот на САД, Џо Бајден потврди дека побарал тридневен прекин на огнот во Газа.
Претходно денес, Белата куќа објави дека Израел ќе почне да спроведува четиричасовни хуманитарни паузи во борбите во северниот дел на Газа секој ден.
Портпаролот Џон Кирби го нарече потегот чекор во вистинската насока и рече дека САД сакаат паузите да продолжат се’ додека се потребни.