Во Израел се одржуваат собири и демонстрации со барање за ослободување на околу 240 заложници кои ги држат Хамас и другите милитантни групи во Газа од 7 октомври.
Главниот митинг се одржува во Тел Авив, каде што учествуваат илјадници луѓе, објави „Тајмс оф Израел“.
Собири се одржуваат во Ерусалим, Виршева, Јокнеан, Кфар Саба и многу други места.
Израел објави дека има две цели во војната против Хамас – уништување на воените и управувачките способности на милитантната терористичка група по смртта на 1.200 луѓе на југот на Израел на 7 октомври и враќањето на сите заложници заробени тој ден.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција од Тел Авив изјави дека неговата земја е целосно подготвена на својот северен фронт.
„Израел нема да застане додека не ја завршиме нашата мисија. Нашата единствена цел е да победиме“, рече Нетанјаху, мислејќи на војната со Хамас.
„Хамас ја загуби контролата над Газа и сега нема каде да се крие“, изјави премиерот на Израел.
Нетанјаху рече дека продолжува да има секојдневни контакти со претседателот на САД, Џо Бајден и дека се’ уште има политичка и етичка поддршка од американската администрација.
„Многу светски лидери дојдоа да го посетат Израел за да покажат поддршка, но има малцинства кои вршат притисок врз владите. Ги повикувам владите да не подлегнуваат на овој притисок. Нашата војна е и нивна војна. Никаков меѓународен притисок, никакви лажни обвинувања нема да не’ оттргнат од нашата цел. Ако сакате мир, мора да го елиминираме Хамас“, рече Нетанјаху на конференцијата.