(ВИДЕО) Хаос во Собранието, летаа амандмани, искршен монитор, Апасиев го извади чевелот како печат и се закани: „Ќе го кркате за ова“

На денешната собраниска седница се случи инцидент, откако на двајцата пратеници од Левица не им беа прифатени амандманите за новиот Деловник за работа на Собранието. Прво, пратеникот Борислав Крмов искрши еден монитор и фрлаше амандмани кон потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, а потоа му се придружи и Димитар Апасиев.

Двајцата пратеници претходно побараа да се прекине седницата бидејќи дел од нивните амандмани не се архивирани.

Седницата ја водеше Мисовски, бидејќи Талат Џафери како предлагач на новиот Деловник се повлече од претседателското столче.

Пред да се случи инцидентот Апасиев предупреди дека може да дојде до ескалација затоа побара точката да се тргне од дневен ред, а да се расправа за неа откако ќе се постигне политички консензус.

„Се оди кон ескалација“, рече Апасиев.

Потоа на говорница излезе и другиот пратеник од Левица, Борислав Крмов, кој бараше да се прекине седницата.

„По која основа се отфрлени нашите амандмани, кои не се ниту заведени, немаат архивски број. Мора да ја прекинете седница“ реагираше Крмов.

„Прекинете ја седницата. Ова е нечуено“, велеше Крмов и почна да ги фрла кон Мисовски амандманите, а потоа и мониторот кој стоеше на масата на претседателот на Собранието, заврши на подот, како и телефонот.

Мисовски по ова даде получасовна пауза.

По паузата на говорница излезе пратеникот од „Левица“, Димитар Апасиев и со чевел им „удираше“ печат на амандманите за измени на Деловникот кои не беа прифатени со обрзоложение дека не биле заверени и само 12 од нив биле исправни.

„Првиот ден кога ќе паднете од власт ќе го кркате за ова. Амандманите на Левица не се доставени и за секој амандман се води претрес, 2.500 амандмани архивирани и заведени а и тие се фрлени од сатрапот Таљат Џафери. За да не се секирате дека некој е со печат некој не е, да не се чувстрвувате повредени, јас како Џорџ Буш со чевелот тука ќе ви ставам печат, еве ви го првиот, еве го и вториот амандман, рече Апасиев и продолжи:

„Еве го „Жан Моне“ процесот! Одличен е! Европски, по сите стандарди, по сите шверцерски стандарди на ДУИ. А Вие како слуга на ДУИ, супер си ја извршивте функцијата. Ако ви треба ПАРОДИЗАЦИЈА на процесот – еве ви го.“

Левица поднесе 2.500 амандмани за предлог-деловникот, пратениците од оваа партија тврдат дека според предложениот Деловник ќе се „шверцуваат Закони во Собранието“ и опозицијата нема да може да го блокира носењето на некој закон.

Овој предлог – деловник беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ во Собранието.