Не знам дали сега или некогаш ќе имате прилика да се слушнете каков провокатор сте, како се однесувате кон вашата колешка. Вие сте таа мантра која предизвикува омраза. И ние говорот на омраза на социјалните мрежи не можеме да го запреме, бидејќи е предизвикан од вашето однесување му рече пратеничката Соња Мираковска на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на седницата на Мешовитиот комитет МК-ЕУ во Советот на Европа во Стразбур.
Мираковска на Фејсбук подоцна објави дека на денешната втора сесија му одговорила на Џамбаски кој ја нападнал нејзината колешката од Европскиот парламент Ирена Јовева, по мајка Македонка.
„Впрочем сите негови дискусии беа провокативни и навредувачки“, вели Мираковска.
Во својата реплика на седницата на мешовитиот комитет таа додаде дека не може да се запре говорот на омраза на социјалните мрежи, бидејќи е предизвикан од однесувањето на Џамбаски.
„За пријателство се потребни две страни. Ако кон некого покажете прст, три прста покажувате кон себе. Во Бугарија работев 10 години, имам многу пријатели, кои за разлика од вас разбираат како се чувствувам – како Македонка, која зборува македонски јазик. Така ме почитуваат, така соработувавме и имавме заеднички фирми и работиме и ден денес“ рече Мираковска и изрази надеж дека на местото на Џамбаски ќе дојдат луѓе кои знаат како се градат односи и со нив ќе градиме пријателства.