Злобната глупост на русофобите стигна дотаму што за првпат во нашата историја официјални власти забранија не авион, туку човек во авион да прелета над нивна територија. Еве што пишува во службената белешка на бугарското МНР – авионот може да лета над Бугарија, но не и Марија Захарова во авионот. Ова на Телеграм го напиша портпаролката на руското МНР Марија Захарова откако вчера по петчасовен лет таа заедно со рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, преку Турција и Грција, слетаа во Скопје.
Зборуваме не само за глупост, туку за опасна глупост на некој шегаџија од бугарските власти, напиша Захарова.
Иако бугарските власти најпрво го дозволија прелетот на рускиот авион со Лавров над нивна територија за негово учество на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, тоа сепак не се случи. Причината била присуството на Марија Захарова во авионот. Дозволата била дадена за министерот за надворешни работи на Русија, но не и за портпаролката на руското МНР, јавуваат руските медиуми. Таа е на списокот со санкции, во согласност со важечките закони на ЕУ, образложиле бугарските власти.
„Факт е дека правилата за воздушниот сообраќај се регулирани со Чикашката конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство од 1944 година. Таа пропишува територијата на една држава да се разбере како ‘копнени територии и соседни територијални води’. Воздушниот простор не е вклучен во терминот ‘територија’. Во оваа смисла, ефектот од незаконските санкции на Европската Унија не може да се прошири на непрекинат лет на авион на лице на кое му е забранет влез на територијата на државата“, напиша Захарова на Телеграм.
Според неа, за првпат во историјата, државни органи забраниле лице во авион, а не авион, бидејќи, според белешката од бугарското дипломатско одделение, на авионот на руското МНР му беше дозволено да прелета.
„Кој им даде право на неписмени функционери во Софија да го срамат бугарскиот народ? Инаку, веќе сме во Скопје“, напиша Захарова.