Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски и рече дека по завршувањето на војната, сите политичари ќе треба да одговараат за грешките што ги направиле.
Луѓето се прашуваат зошто не се подготвивме подобро за оваа војна и зошто Зеленски до крајот негираше дека тоа ќе се случи, изјави Кличко во интервју за швајцарскиот медиум „20 минути“, пренесува Хина.
Има премногу информации кои не одговараат на реалноста, изјави педесет и двегодишниот поранешен светски шампион во бокс, обвинувајќи го украинскиот претседател за „грешки“.
Тој ги повика сите да бидат искрени за реалната ситуација во Украина по руската инвазија и посочи дека „Зеленски сега плаќа за грешките што ги направил“.
„Се разбира дека можеме еуфорично да ги лажеме нашите луѓе и партнери, но не можеме да го правиме тоа засекогаш“, рече Кличко и му понуди недвосмислена поддршка на украинскиот началник на Генералштабот, генерал Валериј Залужни, кој беше остро критикуван пред еден месец кога изјави дека војната дојде во ќор-сокак.
Кличко, сепак, смета дека Залужни ја кажал вистината, која „понекогаш луѓето не сакаат да ја слушнат“, а тој се изјасни против политичките игри во Украина, велејќи дека не треба да има внатрешни конфликти во земја која се бори за опстанок.
„Претседателот денес има важна функција и ние мора да го поддржуваме до крајот на војната, но кога војната ќе заврши, секој политичар ќе треба да одговара за своите грешки“, рече Кличко.