Црната листа на САД нема да биде проформа – заедно со британската влегуваат во македонското законодавство

Министерството за надворешни работи почнува јавна расправа по однос на измените на Законот за рестриктивни мерки коишто имаат за цел проширување на опфатот на овие рестриктивни мерки, како и инструментите коишто се на располагање на државата во услови на воведени рестриктивни мерки, информира денеска на брифинг со медиумите шефот на дипломатијата Бујар Османи

-Согласно сегашното решение, Законот за рестриктивни мерки ги регулира прашањата на воведување, изменување и престанување на важењето на рестриктивните мерки, како и механизмите на координација и надзор на примената на истите, како основи за воведување рестриктивни мерки во сегашното решение се – задолжителни обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, правни акти на ЕУ, други меѓународни организации во кој членува земјата и на барање на надлежни органи на други држави за прашања на тероризмот и пролиферација на оружкјето, истакна Османи во изјава за медиуми по брифингот со новинарите.

Тоа што го предлагаме со овие измени на Законот на оваа јавна дебата, додаде Османи, е да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, што значи покрај Совет за безбедност, Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки.

Advertisements

-Како инструменти што ги има државата при воведување рестриктивни мерки се покрај ембарго за оружје, забрана за влез во Северна Македонија за граѓани коишто не се државјани на Република Северна Македонија, се разбира и финансиски мерки вклучувајќи конфискација на имот, меѓутоа се проширува Законот со уште еден опфат, а тоа е прво, од целите на Законот освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти, откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите докази – материјални, нематеријални до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука, појасни Османи.

Ова, подвлече Османи, се суштинските измени на Законот за рестриктивни мерки, додавањето на правните акти на САД како основа за воведување покрај тие на ЕУ и обврската институцијата предлагач да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до Обвинителството, а обврска на Обвинителството е да започне веднаш постапка и доколку заврши со обвинение, времено спречување на вршење на јавна функција и забрана за учество во постапка за јавни набавки доколку се работи за правни субјекти.

„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко … Тие им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков.

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, по ставањето на Кочо Анѓуше на листата, порача дека тоа е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и најави дека ќе следуваат повеќе назначувања. Таа тогаш кажа дека „ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“.

Во ноември минатата година, Владата најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица коишто се на листа на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен ОН и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.