Според израелската влада, палестинската милитантна група Хамас планирала терористички напади врз цели во Европа, вклучувајќи ја и израелската амбасада во Стокхолм, објави Тhe Times of Israel.
Според соопштението објавено во саботата од кабинетот на премиерот, израелските разузнавачки служби Мосад и Шин Бет во соработка со странски партнери успеале да изградат „сеопфатна и длабинска“ слика за напорите на Хамас да изврши напади во Европа, Африка и Среден Исток.
„Континуираните разузнавачки напори открија важни информации кои докажуваат дека терористичката организација Хамас дејствувала за да ги прошири своите насилни активности во странство и да напаѓа невини луѓе ширум светот“, соопшти синоќа кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел собрал докази за тоа и независно и во соработка со странски разузнавачки служби, се вели во соопштението.
„Покрај наводниот план за напад на израелската амбасада во Стокхолм, Хамас исто така се обидуваше да набави беспилотни летала и да регрутира членови на организирани криминални групи во Европа“, се вели во соопштението.
Покрај актери во странство, во планирањето наводно биле вклучени и високи функционери на Хамас во Либан, кои таму уживаат заштита на Хезболах.
Некои од овие лица, вклучително и заменик-шефот на политичката канцеларија на Хамас, Салех ал-Арури, оттогаш се убиени во целни израелски напади во Либан.
Оваа информација првично не можеше да биде независно потврдена. Во средината на декември, германските власти уапсија тројца осомничени членови на Хамас кои наводно биле вклучени во набавка на оружје за можни напади врз еврејски институции во Европа. Слични апсења беа извршени во Данска и Холандија.
Во ноември, Германија издаде забрана за Хамас, кој исто така работи како политичка организација.