Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпишал указот за прогласување на Законот за употребата на македонскиот јазик, што во петокот го донесе Собранието.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, донесениот закон ќе придонесе за подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, за афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација, како и за почитување и унапредување на јазичниот стандард.
Претседателот Пендаровски очекува дека примената на законот ќе придонесе за надминување на алармантните состојби во врска со неправилната употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и за зголемена, организирана и системска грижа на државата за неговата правилна употреба, се наведува во соопштението.