Вработените во Фондот за здравствено осигурување се заканија со генерален штрајк ако Управниот одбор донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 отсто, како што предложи Владата.
Според Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ, вработените со вознемиреност го чекаат продолжението на седницата на Управниот одбор што почнала на 4 јануари, каде треба да се дискутира за нивните плати и намалувањето.
Тие денеска пред зградата на Фондот го чекаат исходот, за како што рече Аџигогов, непринципиелниот предлог од страна на Владата со кој се бара намалување на платите на вработените.
„Од 9 јануари со препорака од Владата, се бара намалување од 21 процент. Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби,а тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“, изјави Аџигогов и објасни дека УО во моментов не може да донесе одлука затоа што е поделен, односно тројца членови се зад вработените, а еден е против.
За да се донесе одлуката потребно е мнозинство од четири члена.
Со оваа одлука засегнати се 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата.