Американскиот претседател Џо Бајден рече дека се надева оти ќе започне прекин на огнот во конфликтот Израел-Хамас во Газа до следниот понеделник, како што завојуваните страни се чини дека се близу до договор за време на преговорите во Катар, кои, исто така, имаат за цел да обезбедат ослободување на заложниците, јави Гласот на Америка.
Бајден рече дека се надева оти прекинот на огнот ќе започне во рок од неколку дена.
„Па, се надевам дека до почетокот на викендот, до крајот на викендот“, рече тој, на прашањето кога очекува да започне прекин на огнот.
„Мојот советник за национална безбедност ми кажа дека сме блиску. Блиску сме. Сè уште не сме готови. Се надевам дека до следниот понеделник ќе имаме прекин на огнот“, им рече Бајден на новинарите за време на посетата на Њујорк.
Американски официјален претставник рече дека американските преговарачи напорно притискале да постигнат договор за пауза за ослободување на заложниците до почетокот на Рамазан на 10 март, и оти највисоките американски претставници работеле на ова прашање минатата недела.
Изгледа дека оптимизмот произлезе од средбите меѓу Израелците и Катарците, рече претставникот.