Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ објави дека тој ќе биде кандидат на опозициската СДП за премиер на парламентарните избори распишани на 17 април, наместо претседателот на партијата, Пеѓа Грбин. Оваа шокантна одлука предизвика вистински политички земјотрес во Хрватска, пишуваат тамошните медиуми.
„На овие избори нема да бидам кандидат на СДП за премиер, дозволете ми да го поздравам Зоран Милановиќ, носителот на листата на СДП во 1 ИЕ и наскоро и премиер“, рече Пеѓа Грбин на прес-конференцијата на која тој се појави ненајавено и Милановиќ.
„Во животот на секој од нас има моменти кога треба да излеземе од својата комфорна зона, треба да престанеме да бидеме нормални и вообичаени, а тој момент ми затропа на врата со наметнувањето на извесен Турудиќ (контроверзниот државен обвинител – н.з.)“, ги објасни Милановиќ причините за неговата кандидатура и додаде:
„Дојде време да се оседлаат коњите. Ќе го собереме парламентарното мнозинство за влада на националниот спас и ќе тргнеме со полна гас да го расчистиме нередот што го остави зад себе АП (Андреј Пленковиќ). Реките на правдата доаѓаат. Ветувам решителна и чиста влада. Долго ќе ги спречуваме да се вратат. Ги поканувам сите партии да се соберат“, рече меѓу другото Милановиќ на прес-конференцијата.
Фото: Фејсбук профил