„Кој од македонските гавази ја направи оваа нечесна работа“ – Јакимовски затечен од црната листа

Стевчо Јакимовски, градоначалник и кандидат за претседател вели дека нема да се повлече од изборната трка и дека е изненаден од одлуката на САД да биде ставен на црната листа.

Тој најави дека ќе поднесе кривична пријава против н.н. сторител.

„Како да не бидам изненаден од одлуката, кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или други несакани лица“, рече Јакимовски.

Како поинаку, вели Јакимовски, да го сфатиме овој акт на насилство, ако не како директно мешање во изборниот процес, што е казниво и кривично дело.

„Ова е мешање на странски разнувавчки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител“, вели Јакимовски.

Според него, ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, а помош не можат да добијат од граѓаните, па бараат американска поддршка.

„Мора да се утврди кој од овде, од нашиве македонски гавази ја направи оваа нечесна работа. Јас сум единствениот кандидат кој вели: членството во НАТО многу скапо го плативме, со промена на името, и мора да го искористиме за наши проблеми, дури да се искористи и вето кога имаме некои проблеми, како сега со Бугарите. Јас сум единствениот политичар во земјава кој вели: „да за во ЕУ, но до кога? Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ, треба да им кажеме на граѓаните што понатаму. Јас сум единствениот кандидат кој не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата. Од изборната кампања ни случајно нема да се откажам. Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму, рече Јакимовски.