Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, во интервју за Гласот на Америка на македонски зборуваше за односите помеѓу САД и Македонија.
Ванковска истакна дека таа односите кон САД ги гледа во коегзистенција но без мешање во внатрепните работи на нашата држава.
„За односите кон САД, јас сум за да се однесуваме со мирољубива коегзистенција со сите држави во светот, онака како што бара Повелбата на Обединетите нации. Значи, на база на заемно уважување, еднаквост, немешање во внатрешните работи: значи и тие во нашите да не се мешаат, како што ние и не можеме во нивните, се разбира“, вели Ванковска.
Професорката додаде дека недостасува почит од страна на САД кон нас и додаде дека постојат други држави кои сакат да градат односи со Македонија.
„Меѓутоа, да имаме односи на заемна почит. Би сакала повеќе да соработуваме врз базата на економските интереси, а не само: доминација политичка, геополитичка, насочување во таа насока… туку нам ни треба развој! Ако Соединетите Држави не се расположени и се, всушност, во моментов позафатени со своите избори и со милитаризација, односно билдање на оној воено-индустриски комплекс, тогаш има држави други, кои имаат кредити, имаат можности да понудат нешто што нам ќе ни даде шанса за развој“, изјави професорката Ванковска, кандидатка за претседателка на Македонија.