Серија на нови дојави на бомби низ Скопје, на електронските адреси на спoртската сала „Борис Трајковски“, клубовите Вардар и Работнички, хотелите Мериот и Александар Палас, како и на Меѓународниот аеродром -Скопје и Ист гејт мол, се испратени пораки за поставени експлозивни направи.
Според последните информации и во оваа серија на дојави не се поштедени основни и средни училишта во главниот град.
Во објава на својата официјална страна на фејсбук градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира за дојави за поставени бомби во општински основни училишта.
„Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаи. Досега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Веднаш по информациите разговарав со надлежните во полициската станица од општа надлежност Гази Баба со цел веднаш да се преземат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации. Излезен сум на терен заедно со вработени од општинската администрација со цел увид на спроведувањето на протоколите за евакуација. Се ставаме целосно на располагање за безбедно згрижување на сите дечиња“, пишува Стефковски.
Дојава за поставена бомба е пријавено и од страна хотел Мериот во самиот центар на Скопје.
Поради дојавата за бомба во хотелот Александар Палас, откажана е денешната годишна конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Од МВР инфомираат дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.