Министерството за образование и наука (МОН) при секоја кардинална грешка во учебниците за основците ветува дека пропустот нема да се повтори, откако ќе се поправи и дека македонските ученици ќе добијат квалитетни содржини во учебниците. Така и за последните скандалозни грешки во учебникот по Историја за петтоодделенците МОН вели дека „е недозволиво да се случуваат вакви пропусти во време на најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и на стручниот кадар во училиштата“.
За жал, сите тие најави завршуваат како ветувања во празно, кога децата дома ќе прочитаат гафови кои напишани во учебник по Историја се класични дезинформации и лаги, како на пример оние кои последниве денови токму родителите на учениците ги извадија на виделина:
„Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија“.
„Монт Еверест е висок 29.305 метри“
„Античкиот период завршил 10 века порано“
Додека МОН утврдува кој е одговорен за овие грешки авторите на учебникот Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска не фрапираа со тврдењето дека учебниците ги поминале сите законски филтри.
Како е тоа можно – да се прегледани, а со толку грешки? Потоа, велат дека грешките биле технички, а кој ги направил? – многу прашања без одговор.
Еве што велат авторките на спорниот учебник во своето објаснување до јавноста:
„Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени… Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење”, пишуваат авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска.
Министерството за образование најави дека ќе бара од Националната комисија за учебници да почне процес за утврдување на причините за тоа како настанале пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество.