„Колку ли (Л)АПАНАЖИ ќе фрчат после падот на досегашнава власт?”, напиша во објава на својот профил, советникот од Левица во Советот на Општина Штип, Ангеле Михајловски.
„Гарант, минорен ќе биде процентот на тие кои нема да ја побараат.
Само да знаете дека апанажите од нашиот џеб ќе се плаќаат, не од сметките на нивните А.Д. партии… а ние ќе си скенираме фискални и ќе се радуваме!”, додава Михајловски.
За потсетување, пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, уште во 2022 година поднесоа измени на Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Квислинзите од редот на пратениците од тогашната и сегашната власт ГО ОТФРЛИЈА ова предлог – законско решение што од Левица беше предложено во интерес на работничката класа.
„Обичниот работник за да добие месечен паричен надоместок откако ќе изгуби работа, не смее самиот да си даде отказ или да добие отказ поради своја вина, додека на пратеник или функционер паричниот надоместок по престанување на функцијата му следува без разлика на вредноста остварениот учинок при вршење на функцијата и без разлика на причината за престанокот на функцијата!
Од наведените причини, ние како пратеници од Левица ја увидовме потребата од носење на овој предлог на закон со кој се заштедуваат средства во државниот буџет, но истовремено се анулира и социјалната и економската нееднаквост која се продуцира од постојниот штетен и фаворизирачки закон”, изјавија пратениците од Левица во 2022 година.
Според предлогот на пратениците од Левица, антипривилегирачкиот закон ќе овозможи скратување на противуставното т.н. право на апанажа на пратеник во Собранието на РМ, функционер и раководен работник кој го именува Собранието на РМ, односно кој го назначува телото што тоа ќе го овласти, претседателот на Република Македонија и Владата на РМ.
„Со тоа, ќе се овозможи целосно исполнување и почитување на уставното начело на забрана на секаков вид дискриминација, ќе се спречи дискриминација на граѓаните по основ на социјално потекло, имотна и општествена положба и сето тоа во насока на доследно почитување на еднаквоста пред законите и владеењето на правото, како темелена вредност на уставниот поредок.
Дополнително, со предложениот закон ќе се скратат расходите во државниот буџет за висината на овие непродуктивни и назаслужени трошоци и ќе се овозможи истите финансиски средства да бидат пренаменети за останати, особено важни државни политики“, се посочува во законското образложение на пратениците од Левица, Крмов и Апасиев.