„Неважечки ливчиња се броеле како гласови на Европскиот фронт“ – „Вреди“ за нерегуларности во „шестката“

Портпаролот на Движење Беса, Фатмир Сабриу, во име на коалицијата „Вреди“ објави неколку примери како се прекршувал Изборниот законик во шестата изборна единица, а тоа на прес конференција рече дека го потврдила и ДИК со тоа што ги прифатила приговорите.

– Вчера со одлука на Државната изборна комисија уште еднаш се докажа дека Европскиот фронт предводен од Демократската унија за интеграција нема капацитет и кредибилитет да спроведе слободни, фер и демократски избори. Државната изборна комисија постапувајќи врз основа на приговорите на Коалицијата „Вреди“ поднесени за некои избирачки места во 6-та изборна единица, како и постапувајќи според одредбите од Изборниот законик, одлучи да ги отвори гласачките кутии за 7 избирачки места, при што во 4 од нив се констатирани неправилност и тоа: во избирачко место 2101, село Ларце, општина Желино, констатирано е дека во гласачката кутија има 1 глас повеќе во корист на Европскиот фронт од гласачите кои го искористиле своето право на глас, во избирачко место 0387 Гостивар и избирачко место 1953 Тетово имаше корекција на изборниот резултат бидејќи во овие избирачки места се пребројувале неважечките гласови и се броеле како гласови на Европскиот фронт, истакна Фатмир Сабриу.

Според Сабриу, Европски фронт ја искривил волјата на граѓаните.

Advertisements

– Таканаречениот Европски фронт, злоупотребувајќи ги сите механизми на владеењето, незаконски ја нарушил и искривил волјата на граѓанинот, спроведувајќи го „бугарскиот воз“ како што се случаите веќе потврдени со одлука на ДИК во Липково и Ларце, како и броењето на неважечки гласови во корист на Фронтот и ДУИ. Замислете со 7 отворени гласачки кутии, во 4 биле откриени неправилности и кражба на гласови. Со ова јасно се докажува зошто ДУИ денес е во паника. Тие се во паника не само што ќе си заминат во опозиција, туку и ќе одговараат за злоупотребите и кршењето на законите, но и затоа што вчера, со отворање на кутиите, се докажа дека преку злоупотреба на механизмите на власт, закани, уцени, притисоци и бугарскиот воз, се обиделе да ја нарушат волјата на народот и изборниот резултат, истакна Сабриу.

Тој на крајот рече дека Албанците на 8 мај ја добиле слободата и денес дишат слободно.

– ДУИ оди во опозиција и со користење на државниот апарат повеќе нема да може директно да влијае на изборниот резултат. Време е за одговорност, за влада која ќе се бори против криминалот и корупцијата, ќе гарантира забрзан економски развој и европска интеграција. Нарушувачите на волјата на народот и изборниот резултат, ќе сносат одговорност и ќе одговараат пред органите на правдата, посочи Фатмир Сабриу.