Вработена во скопската полиција фатена со 12.500 евра во измама и ветување дека на оштетените ќе им среди да добијат станови

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело – измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.

На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.

Advertisements

Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.

Претходно МВР информира дека одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против И.М.(41) од с.Буковиќ, општина Сарај, вработена во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член 247 од Кривичниот законик.

Полицијата постапувала по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 лицето било фатено во моментот на примање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени, а кои и биле давани за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија.
„Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што е пронајдена сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при претрес во нејзиниот дом во с.Буковиќ, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција.
Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје“, се вели во соопштението од МВР.