Турција и во иднина ќе биде конструктивен партнер и поддржувач на Македонија – Сиљановска Давкова на средба со турскиот амбасадор Улусој

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, што се традиционално пријателски, во духот на стратешкото партнерство меѓу двете држави и сојузништвото во НАТО алијансата.

Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за севкупната поддршка што Турција ја дава од првите денови на македонската независност и ја истакна својата посветеност да работи на натамошно унапредување на односите меѓу двете држави во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за создавање на неопходните услови за интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете држави, со цел зголемување на трговската размена.

Advertisements

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, безбедносните и политичките случувања во регионот, како и за предизвиците во однос на македонските евроинтеграции.

Претседателката Сиљаноска Давкова изрази очекување дека Турција и во иднина ќе биде конструктивен партнер и поддржувач на нашата земја на билатерален и на мултилатерален план.

На средбата беше нагласена и улогата и придонесот на турската заедница во севкупниот развој на државата.