„Милорад Додик ja искористил својата позиција за да акумулира богатство“ – нови санкции од САД за претседателот на Република Српска

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) санкционираше две лица и седум компании од Босна и Херцеговина, кои се поврзани со Милорад Додик, претседателот на Република Српска и неговиот син Игор.

Како што се наведува во соопштението на OFAC од 18 јуни, тие се дел од мрежата која обезбедува „значајни извори на приходи“ за Милорад Додик и неговото семејство.

Милорад Додик долго време е под санкции на САД, како и неговиот син Игор и ќерката Горица.

Advertisements

На листата на санкции се додадени Миленко Чичиќ и Ѓорѓе Ѓуриќ и компаниите Infinity International Group Бања Лука, Infinity Media, K-2 аудио сервисите, Kaldera Company, Prointer ITSS, Sirius 2010 и Una World Network.

Меѓу санкционираните се софтверската компанија „Проинтер ИТСС“ и компанијата „Уна Ворлд Нетворк“, која е сопственик на медиумската куќа „Уна ТВ“.

Според OFAC, Чичиќ е директор на „Калдера“, додека Ѓуриќ е сопственик на компанијата „Инфинити“ и нејзините подружници.

OFAC истакнува дека Милорад Додик „ја искористил својата официјална позиција за да акумулира лично збогатување преку компании поврзани со него и Игор Додик“.

Се посочува дека е изманипулиран нацрт-буџетот на БиХ за 2024 година, „за да може договорот на државно ниво да и биде доделен на компанијата Prointer ITSS d.o.o надвор од процедурата за јавна набавка“.

„Соединетите Американски Држави ги осудуваат континуираните напори на Додик да ги избрише институциите кои обезбедија мир и стабилност за Босна и Херцеговина и за регионот. Ќе продолжиме да ги разоткриваме измамничките шеми кои им дозволуваат на Додик и неговото семејство да го искористуваат сопствениот народ за лична корист “, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во Министерството за финансии Брајан Е. Нелсон.