Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија, реагира Славјанка Петровска, откако СДСМ го избра Венко Филипче за лидер на партијата.
„Во моето писмо со кое ја повлеков кандидатурата образложив дека денешниот ден ќе биде спротивно и на статутот и на принципите на социјалдемократијата, и така бидна се случи фијаско.
Новиот претседател е избран со 11% од вкупниот број на членови на СДСМ, од 83.000 членови, ЗА гласале само 9.000. И со ова само се продолжува агонијата во која СДСМ почна да тоне од 2020та година наваму. Денес на многу членови на СДСМ не им беше овозможено да гласаат затоа што ги немаше на избирачкиот список, иако уредно се регистирале.
Денес, 11.000 членови одбија да гласаат затоа што се спротиставија на начинот на кој беше водена кампањата, на фаворизирањето, на несанкционирањето на злоупотребата на лични податоци, на притисоците да се поддржи фаворитот, затоа што се чувствуваат навредено на избирачкиот список на СДСМ да се најдат со активисти на владејачки партии“, вели Петровска.
Таа додава дека Централната изборна комисија заборавила дека таа ја повлече кандидатурата, па ги броеле и тие гласови.
„Многу професионално, зарем не. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес. Денес 11.000 демонстираа свој став. И тоа е повеќе од 9.000. А легитимитет не се добива со 9.000 гласа. Но, најважното СДСМ е многу повеќе од 12.000 или 23.000, СДСМ се сите кои не се регистрираа и со тоа демонстрираа отпор.
Ова сценарио е погубно за СДСМ, за вистинската СДСМ и затоа не е доцна нешто добро да се направи. Јас ќе се борам за доброто на СДСМ. На Македонија и треба силен, кредибилен и чист СДСМ и затоа повикувам формирање на привремено раководство, без багаж и кое ќе има јасен мандат и капацитет да ја обедини партијата, и да ја подготви за следните и внатрепартиски и локални избори.
Ова е единственото сценарио за заздравување на СДСМ. Свесна сум дека оваа моја искреност некого ќе го повреди, но подобро некој да е повреден од мојата искреност, отколку партијата да се сведе на 50.000 гласови следната година“, смета Петровска.