Од Здружението на историчарите на Република Македонија реагирааат по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој, како што велат, се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации. Историчарите сметаат дека со овој учебник ќе се нанесе непроценлива штетата на воспитно образовниот процес и негативно ќе влијае врз развојот на учениците, притоа за истиот велат дека изобилува со погрешни информации.
„Сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“, се вели во соопштението.
Од Здружението на историчарите посочуваат на повеќе примери за недостатоци во учебникот, пред се поврзани со темата „Праисторија и историја“, притоа најавувајќи дека нивните забелешки ќе бидат интегрирани во критичка анализа која ќе биде доставена до Министерството за образование и наука, проследено со барање да се повлече учебникот од употреба..
„Стариот/ античка историја век е историски период кој започнал со пронаоѓањето на првото писмо а завршил во V век пр.н.е.“ (стр. 113) – “Ова е погрешен податок, според кој почетокот на средниот век, во суштина, се поместува 10 века поназад. Имено, средниот век започнува со големите преселби на народите во V од н. е. Според она што го навеле авторките, средниот век во историјата започнува со Грчко-персиските војни. Понатаму не постои нешто наречено „Стариот/ античка историја век“, бидејќи античката историја е, впрочем, само еден дел од она што се нарекува историја на стариот век“, посочуваат во соопштението историчарите.
Во однос на почетокот на новиот век и модерната историја, историчарите исто така посочуваат на грешка во учебникот за петто одделени.
„Почетокот на новиот век/ модерната историја започнува со откривањето на парната машинаа историски завршува со почетокот на Првата светска војна.“ (стр. 116) – „Новиот век не започнува со пронаѓањето на парната машина во XVIII век. Новиот век, во согласност со академскиот консезус во Европа, започнува со појавата на печатницата на Гутенберг и со ренесансата, којa ги црпи основните идејни постулати од средновековието“, се вели во соопштението.
До таму додаваат дека во самиот вовед на делот за археологијата се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време.
„При споменувањето на Кокино, постојано се повторува „градба“ и „изградено“ (стр. 145), а, всушност, се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Во однос на Хераклеја се вели дека „основан е во VI век пр.н.е.“ (стр. 149). За тоа не постојат никакви докази (археолозите овој град го определуваат хронолошки во IV или пак во II век пр. н. е., но во никој случај во VI век пр. н. е.). Воедно, се констатира дека Хераклеја била колонија, без, притоа, да се прецизира што претставува тоа, односно чија колонија била. Кај Самуилова тврдина се вели дека „најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил“ (стр. 151), иако археолозите сметаат дека остатоците од денешните ѕидини се од подоцнежен период. Исто така, авторките наведуваат дека во близина на Самуиловата тврдина се наоѓа „амфитеатар“ (стр. 151), што не е точно, бидејќи станува збор за антички театар“, констатираат од Здружението на историчари на Република Македонија.
Историчарите забелешка изнесуваат и за тврдењето во учебникот дека Никола Тесла е изумителот на електричната енергија.
„Никола Тесла изумител на електричната енергија.“ (стр. 116) – “Истражувањето и откривањето на електрицитетот има своја историја, која започнува со старогрчкиот филозоф Талес од Милет. Никола Тесла, историски гледано, ја има заслугата за креирањето услови за користење и производство на наизменичната струја“, се вели во соопштението.
Историчарите неправилности утврдуваат и во делот на учебникот каде Марија Кири се вели дека е добитничка на „две Нобелови награди за наука“, награда која непостои. Кири во два анврати е дбитничка на Нобелова награда, и тоа за физика и хемија.
Наведувајќи и уште низа на други примери од учебникот кој не се вистинити, од Здружението на историчари посочуваат и на други пропусти.
„Покрај наведените кардинални и издвоени забелешки, мораме да истакнеме дека учебникот се одликува со неквалитетна нагледност. Има многу илустрации, кои се со исклучително лош квалитет, вклучувајќи ги и картите, а на места тие се и несоодветни за периодот на кој треба да се однесуваат. Тоа го наметнува и прашањето за самиот извор на користените илустрации, што го повлекува и прашањето околу aвторските права (copyright)“, велат историчарите.
Според историчарите, содржините во учебникот воопшто не им нудат на учениците сознанија од историјата врз основа на кои тие ќе бидат во можност да го согледаат историскиот контекст.
„Текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Во учебникот ретко се поставува прашањето „како“, а прашањето „зошто“ воопшто не се ни обработува. Современото образование бара развој на критичкото размислување, кое воопшто не може да се поттикне од вака составените текстови. Притоа, треба да се истакне дека во учебникот не се става акцент на информациите и на нивната точност, туку на современите идеолошки определби, кои кога се истакнуваат на штета на историскиот наратив, се неприфатливи“, додаваат од Здружението на историчари.
Тие сметаме дека учебникот е, всушност, директен резултат на избрзано донесената Концепција за основно образование, врз база на која е изработена и новата наставна програма.
„Таа програма, со сите свои недостатоци, ги дава насоките за составување на учебникот, и во поглед на концептуалната структура и во поглед на содржината. Оттука, нужно е наставната програма да се повлече, како и самата Концепција врз основа на која е изработена“, сметаат од здружението.
Во соопштението се нагласува дека учебникот изобилува со неверодостојни информации, полувистини и небулози, поради што тој не смее да биде дел од македонскиот воспитно-образовен систем, имајќи предвид дека Министерството за образование и наука има законска должност да обезбеди квалитетен процес на воспитание и образование на учениците.