Тројца лекари загинаа во страотна сообраќајка на патот Прилеп – Битола

Примариус д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Оваа тажна вест ја соопшти болницата „Плодност“ каде што работеле загинатите лекари.

Менаџерскиот тим и целиот персонал на болницата „Плодност“ со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги за прераната загуба на нивните членови. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рендген-дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески со години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин Болницата ‘Плодност’ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болницата ‘Плодност’“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болницата „Плодност“.

Advertisements

МВР информира дека утрово во 7 часот и 51 минута, на патот Прилеп-Битола кај селото Лагово, се судрија патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски таблички управувано од Н.В. (42) од Прилеп, со сопатниците А.Р. и Ф.Ј., сите од Прилеп, и товарно возило „волво“ со скопски регистарски таблички управувано од Г.Р. (51) од Битола.

Основното јавно обвинителство Прилеп вели дека е извршен увидот на лице место на тешката сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во која утрово три лица го загубија животот, а едно е повредено.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки и товарно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините“, соопштуваат од обвинителството.