Зајкова: Македонија треба да ги збие редовите и да почне да работи

ЛДП во парламентот делува независно и делуваше независно и во минатиот парламентарен состав, бранејќи ја својата либерално-демократска политика и идеја, ЛДП не кокетира со власта, како и секоја политичка партија, ЛДП се стреми да биде власт, а не да биде кокета, изјави во вчерашното интервју во Дневникот на МРТВ, претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова.

ЛДП, вели Зајкова, има одлични програми и идеи, наведувајќи ја како пример изборната програма „Има Излез“, која ЛДП ја усвоила во 2011-тата година, за од таа програма денеска да се најдат низа решенија ископирани во други партиски програми, па дури мерки од таа програма се преземени и во водењето на државната политика.

„И не е грев да се преземаат идеи затоа што намерата е добра и ЛДП ќе соработува овие идеи да бидат имплементирани, затоа што се покажа дека се добри за граѓаните. Мене единствено што ми е жал е тоа што ЛДП во минатото не успеала да се наметне и да ги испромовира тие идеи подобро. Меѓутоа, еве ќе дадеме можност да соработуваме и тие идеи да станат во целост имплементирани, но не само да бидеме еден обичен соработник или да бидеме дел од власта, туку да бидеме препознаени како партија која работи на решенија за граѓаните и добробит на државата“, посочува претседателката Зајкова.

Advertisements

Говорејќи за искуството од претседателските избори во САД годинава, Зајкова ѝ ја честита победата на новоизбраната администрација и претседателот Доналд Трамп и истакна дека е важно сите да се стремиме да го достигнеме нивото на демократија при одржување и спроведување на избори кое што го имаат Соединетите Американски држави.

„За Македонија и за Балканот не би требало да има некакви големи поделби, затоа што една од клучните стратешки цели на САД е токму стабилизација на Балканот и негова целосна европска интеграција. Сметам дека треба повеќе да се занимаваме со оние прашања кои што можат кај нас да предизвикаат одредени последици. Ние некако многу влеговме во еуфоријата за тоа кој ќе биде американскиот претседател, слушаме и стравуваме од одредена криза поради пад на германската економија. Мислам дека тука треба малку Македонија да ги збие редовите и да почне да работи што и таа може да даде и придонесе за развој на тоа стратешко партнерство, но и за развојот на економијата“, заклучува претседателката Зајкова, додавајќи дека ЛДП подава рака на левите и на десните сили, сите заедно да ги пребродат овие работи и да градат решенија и сите заедно да бидеме сведоци на европскиот напредок на државата.