Тетовската полиција информира дека против лекар од Клиничката болница во Тетово кој давал лажни лекарски уверенија е поднесена кривична пријава затоа што на осум граѓани им овозможил на незаконски начин да добијат обесштетување од осигурителна компанија. Во оваа тешка измама се здружиле и двајца адвокати.
Петмина зеле отштета од по 80.000 денари, а тројца по 70.000 денари, соопшти полицијата.
„СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(52), лекар во Клиничка болница Тетово, поради сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување на службена исправа и помагање, а во врска со „измама. Кривични пријави се поднесени и против Д.К.(35) и Н.Д.(34), двајцата адвокати, поради сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, употреба на исправа со невистинита содржина и помагање, во врска со измама“, соопшти полицијата.
За сторено кривично дело помагање, во врска со измама, кривични пријави добија А.Љ.(30), Б.Ф.(25), Н.А.(42), М.Д.(39), Т.Љ.(27), Т.М.(27), Б.Д.(29), С.Д. (21) сите од Тетово.
„Првопријавениот, во неколку наврати креирал медицински извештаи со невистинита содржина во корист на други лица, кои биле употребени како доказен материјал во осигурителна компанија, која на име на обештетување на нематеријална оштета, исплатила на жиро-сметките на пријавените М.Д., Н.А., С.Д., Т.М. и на Ш.Х., поединечно по 80.000 денари, додека на пријавените Б.Д., Т.Љ. и лицето Т.М. им биле исплатени поединечно по 70.000 денари“, соопшти полицијата.
Пријавениот Б.Ф., пак, ги подигнал парите за отштетата на пријавениот Д.М. и на лицето Ш.Х., со претходно земено полномошно од нив за подигање на парите од банка, а подоцна со полномошно ги уплатил парите на сметката на пријавениот А.Љ..
„Пријавените адвокати го сториле првото кривично дело злоупотреба на службената положба во текот на септември и октомври 2023 година, на начин што полномошното не го добиле лично од странките, туку од пријавениот А.Љ.. Адвокатите лекарските извештаи ги доставиле до осигурителната компанија, врз основа на кои била исплатена оштетата на жиро-сметките на пријавените, во износ од вкупно 610.000 денари. Останатите пријавени, во текот на септември и октомври 2023 година, свесно ги ставиле на располагање своите лични податоци врз основа на кои биле фалсификувани медицински извештаи и биле креирани полномошна за подигање на пари од филијала на банка во Тетово“, соопшти полицијата.