Поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски ги нарече инсинуации наводите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој денеска обвини дека амбасадорот направил злоупотреби на јавни буџетски средства, во како што рече во шестоцифрени бројки во евра.
Тој за порталот Либертас ја даде следната изјава:
„Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денес, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека МНР спровело истрага за работата на амбасадорот во Постојаната мисија на Северна Македонија во ООН, Љубомир Фрчкоски, и импровизираше дека во неа тој видел финансиски злоупотреби со шестоцифрени бројки…; но за нив не можел ништо да зборува…; туку ќе го предадел наводниот Извештај на правосудните органи кои понатаму, ако одлучат, ќе постапувале…Ова и од неискусен министер е сепак премногу наивно и манипулативно за јавноста.
„Го повикувам Министерот јавно, со минимум аргументи и докази, да покаже случај на, не мора шестоцифрена, ако му е многу, еве на двоцифрена злоупотреба на финасиски средства што јас сум ја направил надвор од овластувањата, кои со Законот за надворешни работи се овластувања на секој Амбасадор – и со тоа сум го оштетил буџетот или приватно сум злоупотребил средства од сметка на Амбасадата.
Го повикувам исто така Министерот да не прави крупни, елементарни правни пропусти (за да добие посакуван резултат со конструирање на наводни злоупотреби), праќајќи во ревизија нелиценцирани, ненадлежни ревизори во пензија (за што има докази и сведоци) – чија “истрага и акти – Извештај“ не може да бидат користени како никаков правен доказ ниту во дисциплинска ниту во судска постапка. Имено, да не води “вмровски истраги“ туку да води нормални истраги, ако воопшто сака и има намера да дојде до вистината и фактите“, порачува Фрчкоски.