„НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕМЕ ДЕЛ ОД ЕУ, ако решаваме прашања од 11 век“ – Мицкоски бара мерит систем

Европската Унија мора да се врати на старите шини, кои се темелат на мерит системот, односно на постигнувања, а не на билатерални спорови, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со Советот на странски инвеститори.

Премиерот нагласи дека блокада може да има доколку земјата не е добра во одредени перформанси, кои произлегуваат од критериумите.

-Не велам јас дека ако ние не сме добри во владеење на право, образование, рибарство или нешто друго, дека не треба да бидеме успорени или закочени. Но ако треба да решаваме прашања од 11. и 12. век и тие да ни се пречка, тогаш никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Тогаш ќе имаме две опции. Или да се самоуништиме, што е лудо или да се бориме и потешко ќе бидеме дел од ЕУ се додека постојат овие спорови, истакна Мицкоски.

Advertisements

Тој вели во Брисел заминува „со стандардниот куфер и со стандардното пакување на стандарниот куфер“, при што ќе се заокружат билатералните средби со високи европски претставници, на кои се изнесуваат аргументите на Владаta во однос на начинот на продолжување на евроинтегративниот процес.

Досега се потврдени две билатерални средби, со високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Каја Калас и со шпанскиот премиер Педро Санчез, а се очекува уште една билатерaлна средба, надвор од мултиратралните.

Нагласи дека по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта се заокружува овој спектар на билатерални средби на кои се изнесени аргументите на македонската Влада.