Русија е подготвена да преговара и со Европа и со Киев: Нема потреба од хистерија!

Рускиот претседател Владимир Путин во врска со разговорите меѓу Русија и САД во Саудиска Арабија рече дека Украина нема да биде исклучена од преговорите за ставање крај на војната.

„Без зголемување на нивото на доверба меѓу Русија и САД, невозможно е да се решат многу прашања, вклучително и украинската криза“, рече Путин во првите коментари за средбата одржана во вторникот во Ријад.

„Целта на оваа средба беше да се зголеми довербата меѓу Русија и САД“, истакна Путин.

Advertisements

Украинската страна и Европската унија не беа поканети на разговорите во главниот град на Саудиска Арабија, зголемувајќи ја нивната загриженост дека Русија и САД би можеле да постигнат договор што ги игнорира нивните витални интереси.

Но, Путин посочи дека Русија никогаш не ги отфрлила разговорите со Европејците или со Киев и дека токму тие одбиле да разговараат со Москва.

„Никому ништо не наметнуваме. Подготвени сме, сто пати го кажав ова – ако сакаат нека се случат тие преговори. И ние ќе бидеме подготвени да се вратиме на преговарачка маса“, рече рускиот претседател.

„Никој не ја исклучува Украина“, додаде Путин, нагласувајќи дека затоа нема потреба од „хистерична“ реакција за американско-руските разговори.

Рускиот претседател ги поздрави разговорите меѓу шефовите на руската и американската дипломатија одржани во вторникот во Саудиска Арабија. Тој ги нарече „првиот чекор“ во обновувањето на односите меѓу двете сили.

„Информиран сум за тоа, го оценувам позитивно, има резултати“, рече Путин, пренесе руската државна телевизија. „Го направивме првиот чекор да продолжиме да работиме во многу различни области“, додаде тој.

Путин увери дека средбата со Американците била „многу пријателска и многу срдечна“, оценувајќи дека тимот на Доналд Трамп е „отворен за преговарачкиот процес“.

Путин зборуваше и за можноста за средба со американскиот претседател.

„Би ми било драго да се сретнам со Доналд Трамп. А мислам дека и нему би му било драго“, рече Путин, но додаде дека не може да каже кога таа средба би можела да се организира.

По разговорите, Москва и Вашингтон одлучија да ги обноват дипломатските претставништва, поставувајќи ги темелите за обновување на односите. Ќе воспостави „консултативен механизам“ за надминување на споровите и назначување преговарачи за Украина.