СДСМ достави документи до Владата, за кои тврди дека се доказ за вицепремиерот Изет Меџити дека работел незаконски.
Од партијата велат дека документите се релевантни, бидејќи се од државни институции со архивски броеви, печати и потписи.
Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за „пет минути“ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата, обвини опозициската СДСМ.
„Со ова јасно се потврдува дека Мицкоски е заложник на Изет Меџити и неговите политики. Прво криеше дека Меџити има планирано 3.000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат.
Мицкоски, кој тврдеше дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил, денеска по кој знае кој пат си го погази ова ветување. СДСМ му даде шанса да докаже на дело дека се залага за владеење на правото и почитување на процедурите и да побара одговорност од Изет Меџити, но тој реши да го штити. Со што го задолжил Меџити Мицкоски за вака да се брука? При јасни докази наведени од Државниот управен инспекторат Мицкоски се прави слеп.
„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи коишто до нас се доставени од свиркачи и кои се од државни инситуции, со архивски броеви, печати и потписи. Овде јасно е наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети.
Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните.
Според ова наведено во овие документи, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротиво на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито.
Очекуваме Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција.
Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити?, праша Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Непобитен факт, велат од партијата, докажан од државна институција е дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети надвор од своите надлежности.
„Повеќе од јасно е дека со ова сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните кои побаруваат дозволи и лиценци од министерството кое го води“, велат од СДСМ.
СДСМ бара ДКСК да поведе постапка и ќе ја достави целата документација и бара обвинителството да постапи по допрен глас итно и неодложно за овој голем скандал.