АРМ вработува 300 професионални војници, утре оглас за прием и на офицери

Од денес почнува пријавувањето за професионални војници во Армијата, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на касарната во Кичево.

Утре ќе биде објавен и оглас за прием на офицери, односно лица со завршено високо образование.

– Она што го најави премиерот пред неколку дена денеска сакам да споделам со вас дека е објавен конкурсот и сите млади што сакаат да бидат дел од МО, односно Армијата, да се пријават. Исто така следува и огласот за прием на 60 лица со завршено високо образование во офицерски чин којшто ќе излезе утре. Затоа ги повикувам сите млади што ја сакаат Македонија, да бидат дел од овој повик сакаме да ги освежиме нашите редови, да и дадеме шанса на многу млади луѓе да бидат дел од нашето семејство, од нашето НАТО семејство, дел од најдобрите од најквалитетните, рече Мисајловски.

Advertisements

По посетата на касараната „Чеде Филиповски – Даме“ во придружба на армискиот врв и заменик министерката Елфет Исмаили, министерот рече дека на Армијата и се потребни нови човечки ресурси луѓе и модернизација.

Според објавениот оглас за прием на 300 професионални војници, условите предвидуваат работа на определено работно време со договор за вработување во времетраење од четири години со можност за негово продолжување повеќепати, до навршување на возраст од 45 години.

Министерот Мисајловски најави дека оваа година во касарните и подрачните единици во повеќе проекти од инфраструктурен карактер ќе се вложат околу 86 милиони денари. Денес започна и реконструкцијата на покривот на војничкиот ресторан во Касарната во Кичево, која според најавите, треба да биде готова за девеседест денови.

– Во тек се градежни активности на покривот на војничкиот ресторан кој долг период беше оштетен и ја загрозуваше безбедноста на припаднците на Армијата. Согласно договорот се работи за комплетна демонтажа и монтажа на покрив и изработка на внатрешен таван и зајаканување на кровната реконструкција. Во текот на 2025 година предвидуваме 86 милиони денари за инфраструктура односно за реконструкција санација на повеќе објекти, рече  Мисајловски.

Со овие планови е опфатена и изградбата на натстрешница за возниот парк во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево.