Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со тарифи од 200 отсто за алкохолот од земјите од Европската унија (ЕУ) доколку не ја укинат „царината од 50 отсто за вискито“.
Ако не биде укината „веднаш“, додаде тој, контратарифата ќе биде насочена кон сите вина, шампањи и алкохолни производи кои доаѓаат од Франција и другите земји на ЕУ.
-Тоа ќе биде одлично за работните места за производство на вино и шампањ во САД, рече американскиот претседател.
Ова е нова фаза од глобалната трговска војна, која ескалира оваа недела со зголемување на царините за 25 отсто на увозот на челик и алуминиум од други земји во Соединетите држави (САД).
ЕУ одговори со контратарифи за американски стоки, вклучувајќи чамци, бурбон и мотоцикли, во вредност од 26 милијарди евра, почнувајќи од април.
-Длабоко жалиме за оваа мерка. Тарифите се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите.
„Тарифите ги нарушуваат синџирите на снабдување и внесуваат несигурност во економијата“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Тоа никому не му треба, ниту во Европската унија, ниту во САД, додаде таа.
Тарифите се централен дел од целокупната економска визија на Трамп – тој се надева дека ќе го поттикне производството во САД и ќе ги заштити работните места, но критичарите велат дека тие наскоро ќе ги зголемат цените за американските потрошувачи.
Тарифите се даноци што се наплаќаат на стоки увезени од други земји. Компаниите кои увезуваат стоки во земјата плаќаат даноци на владата.
Европската унија не е единствена во наметнувањето царини за американскиот алкохол.
Канада воведе царини за американскиот бурбон и веќе почна да го отстранува од полиците на продавниците.
Контратарифите беа одговор на увозните даноци на Трамп за канадски производи.
Извршниот директор на Браун-Форман, кој го продуцира познатиот „Џек Даниелс“, Лосон Вајтинг, минатата недела изјави дека канадскиот потег е „несразмерен одговор“.
„Мислам, тоа е полошо од тарифата, бидејќи буквално ви ја одзема продажбата и целосно ги отстранува нашите производи од полиците“, рече Вајтинг.
За време на првиот мандат на Трамп, тој им зададе удар и на алуминиумот и челикот, што предизвика одговор од Европската унија, како што е данокот од 25 отсто за американското виски.
Мерката предизвика пад на продажбата на алкохолни пијалоци во САД за 20 отсто во ЕУ помеѓу 2018 и 2021 година, од 552 милиони долари (околу 508 милиони евра) на 440 милиони долари (повеќе од 405 милиони евра), според американскиот совет за дестилирани алкохолни пијалоци.
Тарифата беше укината и продажбата продолжи, бидејќи двете страни постигнаа договор со кој се ослободи одредена количина европски метали од царина.