Многу пропусти се пронајдени во работата на дискотеката „Пулс“ во Кочани каде во пожар изминатата ноќ загинаа 59 лица, а над 120 се повредени.
Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски истакна дека пропустите се многу големи и информираше дека обвинителството ќе бара краткорочен притвор за 10 лица.
„Од увидот на јавните обвинители, заедно со инспектори на ДЗС беше констатирано дека објектот немал хидрантска мрежа ниту хидрант во близина, имало само два ПП апарати, имало само една импровизирана метална врата, која била заклучена со катанец и без квака од внатрешна страна, а обложена со сунѓер. Немало пристап за противпожарни возила од две страни. На ѕидовите немало противпожарно отпорен материјал, немало врати со противпожарна отпорност, ниту систем за кочење на вратите, ниту систем со јак звучен сигнал за сигнализација на гостите. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали. На лице место бил присутен и државен инспекторат за урбанизам, по што констатирано е дека објектот е регистриран како деловен објект за лесна индустрија. Не е извршена пренамена на објектот во угостителски објект. И покрај тоа што за објектот нема пренамена, истиот има дозвола за работа од Министерство за економија за угостителски објект издадена пред 15 години“, рече Коцевски.
Увидот ќе продолжи и утре.