Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, средношколецот кој во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани спаси дваесетина млади луѓе денеска се врати на училишните обврски откако и тој беше задржан на лекарска опсервација на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Неговите соученици, професори и граѓани во дворот на гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница со аплауз го пречекаа и му се заблагодарија за хуманиот гест и херојство.
Костадинов, ноќта на 16 март кога се случи трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе и околу 200 се повредени без двоумење влегол во дискотеката Пулс и успеал да спаси дваесетина млади луѓе, откако претходно ја натопил маицата со вода и ја ставил на лицето за да се заштити од огнот.