Осомничени уште 19 лица во истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани

Поранешни министри за економија, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, државни секретари и пазарни и овластани гражени инспектори во Општина Кочани се меѓу новите осомничени со кои е проширена истрагата на Обвинителството за пожарот во дискитеката „Пулс“ во Кочани.

Со проширената истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.

Меѓу осомничените е и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, како и неговиот наследник Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.

– Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре Клуб Пулс во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16 март 2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои шест деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца, информира ЈОРСМ.

Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.

-Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена, се наведува во вечерашното соопштение на државното Јавно обвинителство.