Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој со владина делегација е во посета на Обединетите Арапски Емирати, објави дека се договараат летови со Ер Арабија.
Николоски вели дека туризмот, инфраструктурата и образованието се секторите на соработка на кои се фокусираат.
-Имаме бројни средби ќе потпишеме неколку договори за економска соработка. Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со Флај Дубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион со што дополнително би се развил туризмот, изјави Николоски.
Делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицскоски денеска реализирала средби со бизнис коморите во емиратите Шарџ и Дубаи.
– Зборуваме за можностите за инвестиции во Македонија во делот на инфрструктурата, туризмот, во делот на земјоделието. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија. Исто така и политичкиот дел на посетата е исклучително значаен, имавме ислучително добра средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, во текот на утрешениот ден ќе имаме средба со премиерот, а денеска на ниво на министри ќе бидат потпишани неколку значајни договори за економска, образовна и туристичка соработка, што ќе придонесе за уште побрз развој, рече Николоски.
Со овие средби, вицепремиерот, се надева дека ќе се привлечат инвеститори во Македонија, ќе се отворат нови добро платени работни места и државата може да напредува.