Немало сала за операција, немало стентови – не смее да се бега од одговорност за смртта на пациент на Кардиохирургија

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти во случајот со смртта на пациентот Тони Ангеловски, кој почина додека чекаше операција на Клиниката за кардиохирургија.

Лекарите велат дека пациентот имал раслојување на аортата и откако му била дадена интравенска терапија се стабилизирале сите витални параметри и крвниот притисок и кај пациентот исчезнале болките комплетно. Околу 5 часот наутро следниот ден настапило нагло влошување на состојбата на пациентот кој, за жал, починал во 6:45 часот. Причината за смртта, велат на Кардиохирургија,  е непозната со оглед на тоа што семејството одбило обдукција.

Што ако денеска има пациент со ваква проблематика, каде ќе биде опериран?, беше прашан министерот.

-Сите сме потенцијални пациенти, на сите може да ни се случи ова, но за среќа во Македонија имаме три клиники каде што се прават вакви операции, меѓу кои една е државната кардиохирургија и две приватни. Дајте да го видам извештајот и секако, одговорност ќе има доколку биле направени пропусти и грешки, вели Таравари.

Како што објавивме претходно, пациентот бил итен случај, но не можел да биде опериран поради, како што за Глаголица изјави Ацо Николовски, близок роднина на починатиот, реновирање на операционите сали на Кардиологија.

Пациентот, бил препратен на клиниката „Филип Втори“, од каде што, на неговите блиски, им рекле дека е исполнета квотата за интервенции преку Фондот за здравствено осигурување и пациентот не бил хоспитализиран. Семејството не било во можност да ја плати прескапата операција во приватната болница, а пациентот останал на државната клиника каде починал. Одговорност за овој трагичен случај мора да има.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе вонредна инспекција на кардиохирургија која ги потврди изјавите на роднината Николовски дека немало слободна сала за операција. Според инспекцијата пациентот не можел да биде опериран затоа што  во моментот на клиниката имало и недостиг на стентови за таква интервенција, а ангиографската сала во која се извдуваат такви интервенции била во градежен зафат заради поставување компјутер.

-Поради причините наведени погоре, издаден е упат за ЈЗУ УК за за торакална и васкуларна хирургија – Скопје, но добиен е извештај дека кај нив нема можност за изведување на ендоваскуларен третман поради поправка на дел од ангиографот, а и не се изведуваат интервенции на торакална аорта туку само васкуларни процедури на абдоминална аорта, а уште повеќе што не располагале ниту со TEVAR стент графтови, изјави директорот на Инспекторатот, доктор Кирил Лазов за МИА.