Со транспарентот „Протестираме за плата“, Сојузот на синдикатите излегоа на протест, откако претходно не постигнаа договор со Владата за зголемување на платите. Од пред зградата на ССМ синдикалците порачаа дека не се откажуваат од нивните барања за зголемување на платите.
Првиот човек на ССМ Слободан Трендафиловски рече дека изминативе денови имало притисоци и закани кон работниците да не дојдат на протестот.
„Нема да застанеме се додека не се зголемат работничките плати онака како што работниците бараат а тоа е 600 евра минимална плата и за најмалку 6.000 денари да се зголемат работничките плати на сите работници. Денеска огромен дел работници беа спречени да дојдат затоа што им се закануваа, затоа што ги уценуваа со губење на нивните работни места, со распоредување и со намалување на нивната плата“, изјави Трендафилов.
Колоната потоа продолжи покрај Собранието, Стопанската комора и на крај пред Владата на кој свои обраќања имаа и од гранковите синдикати. Трендафилов порача дека не се согласува со предлогот што го даде Владата за покачувањето на платите. Ние се бориме за корка леб, а вие за манго и папаја, им порача првиот синдикалец.
„Пред некој ден седнати во фотелјите во Стопанската комора како нивни слуги, слуги на олигархијата кажаа дека не планираат да ја зголемат минималната плата надвор од законското усогласување за срамни 1.667 денари. Но овие позади нас кои се плашат од нас ги бетонираа своите плати за кои не сакаат да зборувате ниту вие ниту ние затоа што се огромни.“, рече Трендафилов.
Трендафилов најави и дека доколку не се зголемат платите според нивните барања, протестите ќе продолжат во уште поголем број. ССМ претходно го отфрли усогласувањето од 1.667 денари посочувајќи дека само во последните два месеца синдикалната минимална кошница се зголемила за околу 2.000 денари.



