Трамп: НАТО го чека многу лоша иднина, ако не им помогне на САД во војната со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека НАТО се соочува со многу „лоша иднина“, доколку сојузниците на САД не помогнат во отворање на Ормутскиот теснец што го затвори Иран.

Тој порача дека може да го одложи планираниот Самит со неговиот кинески колега, Си Џинпинг на крајот на март, ако Пекинг не помогне во деблокирање на клучната рута за 20 отсто од нафтата на светските пазари.

„Луѓето кои имаат корист од теснецот, да помогнат да не се случи ништо лошо таму. Ако нема одговор или ако одговорот биде негативен, мислам дека ќе биде многу лошо за иднината на НАТО“, нагласи Трамп, додавајќи дека Европа и Кина во голема мера се зависни од нафтата од земјите во Персискиот залив.

Трамп претходно ги повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија да се придружат на „тимскиот напор“ за отворање на Ормутскиот теснец за бродови по блокадата на Иран. Но, изрази песимизам дека американските сојузници ќе ги прифатат неговите апели за помош.

„Имаме нешто што се вика НАТО. Бевме многу љубезни. Не моравме да им помагаме околу Украина. Украина е илјадници километри далеку од нас. Но, им помогнавме. Сега ќе видиме дали тие ќе ни помогнат на нас. Бидејќи одамна реков ние ќе бидеме тука за нив, но тие нема да бидат тука за нас. И не сум сигурен дека тие ќе бидат таму“, изјави Трамп.